Се верува дека во Австралија дејствуваат илјадници членови на озлогласената мафија „Ндрангета“ од јужниот италијански регион Калабрија, соопшти денеска федералната полиција.
Помошникот комесар на австралиската федерална полиција (АФП) Најџел Рајан го објасни влијанието на италијанскиот организиран криминал во Австралија, слика што австралиските органи за спроведување на законот успеаја да ја состават во текот на изминатата година, делумно благодарение на соработката со италијанските власти.
Како што пренесе ДПА, Рајан изјави дека „членовите на Ндрангета со децении останале незабележани живеејќи скромен живот во скромни домови“ додека переле нелегитимно богатство преку нивните легитимни бизниси.
– Ндрангета не е само австралиски проблем – тие се глобален проблем. Тие се одговорни за шверц на 70 до 80 проценти од кокаинот во светот и ја преплавуваат Австралија со недозволени дроги, нагласи Рајан.
– Веруваме дека имаме околу 51 италијански организиран криминален клан во Австралија и досега потврдивме дека најмалку 14 од нив се Ндрангета, за кои веруваме дека има илјадници членови во Австралија, рече Рајан, ветувајќи дека „ќе ја откине главата и опашката на организираниот криминал“.
Операцијата Ајронсајд (Ironside) е дел од глобалната операција Тројански штит, предводена од Федералното истражно биро на САД (ФБИ) во повеќе од десетина земји.
Создаден е и затворена шифриран сервис наречена AN0M, каде што криминалците несвесно комуницирале меѓу себе на систем со кој управувале агенти на ФБИ.
АФП соопшти дека 383 наводни престапници биле обвинети за 2.340 прекршоци во Австралија, и дека 42 престапници обвинети во рамките на операцијата Ајронсајд веќе се изјасниле за виновни или биле осудени.
Запленети се и повеќе од 6,3 тони недозволени дроги и 147 парчиња оружје.