сабота, 10. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Азиските инвеститори претпазливи пред американскиот извештај за инфлацијата

Азиските инвеститори претпазливи пред американскиот извештај за инфлацијата

На азиските берзи денеска се тргува претпазливо бидејќи инвеститорите не сакаат значително да ги променат позициите пред извештајот за инфлацијата во САД, па затоа не беа импресионирани ниту од вчерашниот силен раст на Волстрит. Азиско-пацифичкиот берзански индекс MSCI, без јапонскиот, порасна за 0,2 отсто.

На токиската берза индексот Никеи зајакна за 0,3 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Австралија пораснаа меѓу 0,1 и 0,3 отсто. Во Хонг Конг и Шангај, пак, тие паднаа за околу 0,3 отсто.

Стагнацијата на индексот се должи на воздржаноста на инвеститорите пред извештајот за потрошувачките цени во САД, кој ќе биде објавен денеска попладне.

Аналитичарите во анкетата на Ројтерс проценуваат дека инфлацијата достигна 7,3 отсто во јануари, откако во декември достигна 7 отсто, што е највисока во последните 40 години. Доколку податоците се под очекувањата, тоа би значело дека ФЕД не треба да биде премногу агресивен во зголемувањето на клучните каматни стапки.

Доколку инфлацијата е над очекувањата, сепак, ќе има шпекулации дека ФЕД би можел да ги зголеми каматните стапки за дури 0,50 процентни поени во март, што би имало негативно влијание на пазарот на капитал.

Затоа, инвеститорите не беа импресионирани од вчерашниот силен раст на Волстрит, кога Dow Jones зајакна 0,9 отсто, S&P 500 1,45, а Nasdaq индексот 2,1 отсто. Овој раст најмногу се должи на растот на цените на акциите на технолошките гиганти.

Меѓу другото, акциите на Мајкрософт пораснаа за повеќе од 6 отсто, додека цената на Мета, порасна за повеќе од 5 отсто, откако компанијата загуби речиси една третина од вредноста во претходните четири дена.

Скокот во технолошкиот сектор дојде откако приносите на 10-годишните државни обврзници на САД се лизнаа од највисоките нивоа во изминатите години.

И на девизните пазари, вредноста на доларот во однос на кошницата валути благо порасна пред извештајот за инфлацијата во САД. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на САД во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 95,53 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 95,50 поени.

Курсот на доларот во однос на јапонската валута зајакна од вчерашните 115,40 на 115,60 јени.

Во однос на европската валута, доларот, пак, е стабилен, па цената на еврото се движи околу 1,1425 долари колку што беше и вчера во ова време.

Цените на нафтата утрово стагнираат. На лондонскиот пазар цената на барелот порасна за 0,02 отсто на 91,57 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 0,07 отсто на 89,72 долари.