сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Бајден ги ублажува санкциите кон Венецуела која бара излез од долгорочната криза

Бајден ги ублажува санкциите кон Венецуела која бара излез од долгорочната криза

Преговорите што резултираа со договор меѓу венецуелската влада и опозицијата изминатиот викенд може да доведат до олеснување на долготрајната економска и политичка криза во Венецуела, пренесе Бета.

Сето ова се случува во време кога расте глобалната потреба од извори на нафта надвор од Русија и додека САД ги ублажуваат санкциите кон оваа латиноамериканска земја богата со нафта, јави Радио Слободна Европа пренесувајќи ги написите во светските медиуми.

Со постигнување голем социјален договор, владата на Николас Мадуро и венецуелската опозиција го прекинаа повеќегодишниот политички ќор-сокак, сигнализирајќи можно олеснување на тешката економска и политичка криза во Венецуела што доведе до огромен бран бегалци низ целиот регион.

На 26 ноември, двете страни на разговорите во Мексико потпишаа хуманитарен договор за образование, здравство, безбедност на храна, одговор при поплави и програми за електрична енергија. Тие се договорија следниот месец да продолжат разговорите за претседателските избори закажани за 2024 година, кои треба да обезбедат учество на опозицијата.

Американското Министерство за финансии соопшти дека договорот од саботата означува „важни чекори во вистинската насока за обновување на демократијата“ во Венецуела, по што одобри шестмесечна лиценца за американската нафтена компанија Шеврон да продолжи да пумпа нафта во Венецуела. Ова ќе и овозможи на латиноамериканската земја, која ги има најголемите резерви на нафта во светот, повторно да влезе на светските пазари на нафта.

И покрај огромните резерви на нафта, Венецуела страда од тешка сиромаштија и политичка криза што се влоши откако Мадуро се прогласи за победник на спорните избори во 2018 година.

Меѓународните напори за решавање на венецуелската криза се интензивираа по руската инвазија врз Украина и притисокот што таа го изврши врз глобалните енергетски резерви. Заедничката изјава на Канада, САД, Велика Британија и ЕУ ветува „подготвеност за преиспитување на санкциите“ кон Венецуела, но бара ослободување на политичките затвореници, почитување на слободата на медиумите и гарантирање на независноста на судството и изборните тела.

На состанокот во Мексико, владата и опозицијата се договорија да побараат од Обединетите нации да управуваат со венецуелските државни средства во странски банки во износ од околу три милијарди долари, кои ќе бидат одмрзнати за да се ублажи хуманитарната криза.

Преговори меѓу владата на Мадуро и нејзините политички противници се водеа со посредство на Норвешка.

Најавата на администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден за укинување на клучните нафтени санкции против Венецуела го означува првиот значаен чекор кон олеснување на повеќегодишното ембарго кон таа земја, што на крајот може да помогне во олеснување на затегнатиот глобален енергетски пазар, пишува Вашингтон пост.

За администрацијата на Бајден, под претпоставка дека преговорите со опозицијата продолжуваат кон демократски избори и подобрување на човековите права, секое олеснување на глобалното снабдување со енергија се смета за позитивно.

Сепак, истакнува весникот, американските власти ги отфрлаат извештаите дека администрацијата дејствувала за да го олесни недостигот на нафта и високите цени на енергијата поради руската инвазија врз Украина. Тврдат дека станува збор само за „Венецуела и венецуелскиот процес“.

Санкциите против Венецуела, кои, нагласува весникот, беа иницирани пред 15 години поради трговија со дрога, корупција и кршење на човековите права, постепено се зголемуваа и кулминираа под администрацијата на Доналд Трамп, кога беа особено заострени мерките против државната нафтена компанија ПДВСА.

Сепак, економскиот и политичкиот притисок врз Мадуро немаше многу ефект, истакнува Вашингтон пост и додава дека венецуелскиот народ го сноси товарот на пропаднатата економија и репресијата, што доведе до заминување на милиони луѓе од земјата.

Ретката средба меѓу лидерите на поделената влада и опозицијата во Венецуела делумно ги одразува економските ефекти од руската инвазија врз Украина, што ги натера САД да ги преиспитаат своите ограничувања за енергетските компании кои работат во Венецуела, пишува Њујорк Тајмс.

Мадуро, кој долго време ги негираше страдањата на Венецуелците, итно мора да ја подобри економијата и да ги зголеми шансите за победа на изборите во 2024 година, додека лиценцата одобрена на Шеврон да работи во Венецуела и овозможува на латиноамериканската нација повторно да влезе на меѓународниот пазар на нафта.

Разговорите во Мексико се исто така дел од серијата состаноци меѓу владата на Венецуела и опозицијата, која се надева дека следни на дневен ред ќе бидат политичките отстапки. Сепак, весникот посочува на мислењата на аналитичарите според кои разговорите се дел од една поголема акција за омекнување на политиката на САД кон Венецуела, која е поврзана со зголемената глобална потреба од неруски извори на нафта.

По новиот договор меѓу владата на Мадуро и опозицијата, други компании, велат експертите, најверојатно ќе ги притиснат САД дополнително да ги укинат ограничувањата за Венецуела, вклучително и санкциите што им забрануваат на бизнисите во Индија и на други места да увезуваат венецуелска нафта.