среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Бајден најави милијарди американски долари помош и инвестиции во Африка

Бајден најави милијарди американски долари помош и инвестиции во Африка

Американскиот претседател Џо Бајден на Самитот со африканските лидери во Вашингтон најави милијарди американски долари помош и инвестиции во Африка, пренесува денеска Би-Би-Си.

– САД ставија сè на коцка за иднината на Африка, рече Бајден на Самитот со 49 африкански лидери.

Тоа е прв таков состанок во организација на Вашингтон во последните осум години.

Со него, САД сакаат да го зајакнат своето влијание во Африка и да го сузбијат влијанието на Кина.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги залади односите со многу африкански лидери со своите политички одлуки и навредливи коментари.

Бајден зазеде сосема поинаков пристап, зборувајќи оптимистички за подобри односи со Африка и порачувајќи на собирот дека „кога Африка е успешна, САД се успешни“. – Искрено говорејќи, успешен е и целиот свет, рече Бајден.

Тој рече дека на кризите со кои се соочува светот им треба африканско лидерство, идеи и иновации и вети дека ќе продолжи градењето на „виталните“ инвестиции во Африка на претходните американски влади.

За таа цел, пред тридневниот самит што завршува денеска, советникот за национална безбедност Џејк Саливан рече дека САД ќе доделат 55 милијарди американски долари за Африка во следните три години.

Во говорот во средата, Бајден рече дека ќе инвестира 500 милиони американски долари за намалување на транспортните трошоци во клучното западно-африканско пристаниште во Бенин.

Тој ги спомена и 350-те милиони долари што ќе се одвојат за зајакнување на дигиталната економија и рече дека на американско-африканскиот бизнис форум се склучени договори во вредност од 15 милијарди долари.

САД, исто така, ќе потпишат меморандум со африканската континентална зона за слободна троговија, една од најголемите во светот, што ќе „создаде нови можности за трговија и инвестиции“ меѓу САД и Африка.

На маргините на Самитот вчера Бајден одвоено се сретна со шест африкански лидери кои во 2023 година ги очекуваат избори, повикувајќи ги изборите да бидат слободни.

Пред крајот на Самитот, Бајден би требало да го поддржи приемот на Африканската унија во постојано членство на групата Г20. Се очекува, тој да најави посета на тој континент идната година.  (МИА)