Претседателот на САД во првата посета на Блискиот Исток ќе ги посети Израел, Западниот брег и Саудиска Арабија
Претседателот на САД Џозеф Бајден допатувал вчера во својата прва посета на Блискиот Исток, во текот на која ќе ги посети Израел, Западниот брег и Саудиска Арабија. Турнејата на Бајден има две цели – да ги увери израелските и саудиските власти дека Америка и натаму спречува нуклеарно вооружување на Иран, како и да ја придобие поддршката од арапските земји во сојузот против Русија, поради инвазијата на Украина.
Ерусалимска декларација
Турнејата на Бајден почнала кога во околу 15:30 часот по локално време неговиот претседателски авион слетал на меѓународниот аеродром “Бен Гурион” кај Тел Авив. Таму го дочекале претседателот на Израел Исак Херцог и премиерот Јаир Лапид.
Израелските службеници најавиле дека иранскиот нуклеарен програм ќе биде во фокусот на нивните разговори со претседателот на САД. Бајден се обидува да го оживее нуклеарниот договор со Иран за кој посредувал Барак Обама во 2015-та година, а Доналд Трамп го напуштил три години подоцна, што Израел го поздравил бидејќи остро се противел на тој документ.
Индиректните преговори за повторното влегување во договорот сега се во застој, додека Иран успешно ја развива својата нуклеарна програма. Иран им е потребен на САД и поради нафтата, по ембаргото кое и е воведено на Русија на “црното злато”. Бајден во Ерусалим ќе го посети меморијалниот центар на Холокаустот “Јад Вашем”, ќе му биде претставен новиот израелски противракетен систем за одбрана “Железен воздух”, а ќе биде одликуван и со претседателски медал на честа. Домаќините најавиле и усвојување на Ерусалимска декларација, во која двете страни ќе заземат остар став кон иранската нуклеарна програма. Со палестинските службеници Бајден ќе се состане на Западниот брег.
Мировните преговори меѓу Израел и Палестина не се високо на агендата овој пат. „Многу сме внимателни во поставувањето на целите на Блискиот исток. Претходно администрациите многу ветуваа и се трудеа, но тоа беше само губење на време, ресурси и инвестиции. Ако започнеме мировни преговори, никој нема да дојде на масата“, рекол американски службеник кој сакал да остане анонимен. Од Тел Авив Бајден директно ќе одлета за Џеда.
Црно злато
Таму Бајден ќе се состане со саудискиот крал Салман и престолонаследникот Мухамед бин Салман и ќе присуствува на Советот за соработка на земјите од Заливот. Освен иранската нуклеарна програма, на состанокот со лидерите на Бахреин, Кувајт, Оман, Катар и ОАЕ, како и Египет, Иран и Јордан, кои не се членови на овој Совет, главна тема ќе биде зголемување на производството на нафта.
САД сакаат со зголемување на производството да се намали цената на пазарот за рускиот приход од извозот на “црното злато” исто така да биде намален, со што би се испразнила касата на Кремљ за водење на војна во соседна Украина. Меѓутоа, на државите од Персискиот залив им одговара висока цената на нафтата, бидејќи го полнат буџетот и помирно го очекуваат расплетот на судирот во Украина, како и економската криза во вид на рецесија која веќе ја има во САД, Европа и земјите кои и воведоа санкции на Русија.