петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Бајден пред гласачите ќе зборува за заканите по американската демократија

Бајден пред гласачите ќе зборува за заканите по американската демократија

Американскиот претседател Џо Бајден вечерва пред гласачите во Вашингтон ќе зборува за заканите за демократијата, во обид да ги нагласи важните национални прашања воочи престојните избори за Конгресот на средината од неговиот мандат.

Бајден кој постојано вели дека „демократијата е во прашање“ пред изборите закажани за 8 ноември, вечерва ќе зборува на митинг во близина на Капитол, местото каде на 6 јануари 2021 година имаше немири и обид да се стопира потврдувањето на неговата изборна победа.

Високопоставената советничка во Белата куќа, Анита Дан, изјави дека Бајден ќе зборува пред гласачите за обидите да се поткопа американската демократија.

Таа посочи дека Бајден многу јасно ќе каже дека се обраќа на оние кои не се согласуваат со него по ниту едно прашање, кои не ја поддржуваат неговата програма, но кои можат да се обединат зад неговата идеја за основната вредност на демократијата.

Случајот од пред неколку дена со обидот за кидапирање на претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, како и други закани за политичко насилство ги вознемири членовите на Конгресот и службениците задолжени за спроведување на изборите.

„Заканата од политичко насилство за која многу Американци сметаат дека е одвратна, идејата дека некој би употребил насилство за да ги унапреди своите политички ставови, е нешто околу кое се обединети речиси сите Американци и против кое сите можеме да се обединиме, а неодамна видовме ужасни работи“, рече Дан.