САД нема да и испратат на Украина ракетни системи што можат да стигнат до Русија, изјави денеска американскиот претседател Џо Бајден, пренесен од британските медиуми.
Коментарот на американскиот претседател следеше по извештајот дека неговата администрација се подготвува да испрати напредни ракетни системи со долг дострел во Киев.
Би-Би-Си во извештајот наведува дека се чини дека американската Влада е блиску до испраќање ракетен систем со долг дострел (МЛРС) во Украина.
Од друга страна, во извештајот се наведува дека Русија на ваквите испораки на тешко оружје гледа како на провокативна ескалација на судирот.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и други официјални лица во Киев побараа испорака на MLRS за да се спротивстават на руското бомбардирање во Донбас.
Украинските сили веќе користат хаубици М777, што беа испорачани од САД, а имаат дострел од околу 25 километри, додека ракетниот систем MLRS ќе им овозможи да стигнат до многу подалечни цели.
Батеријата M270 MLRS може да истрела повеќе видови муниција, а најнапредната е способна да погоди цели и до 300 километри. Меѓутоа, може да истрела и проектили со краток дострел, до околу 70 километри, наведува Би-Би-Си. (МИА)