Барбадос сака да ја отстрани британската кралица Елизабета Втора од чело на државата и да стане република, објави денеска Владата на оваа карипска држава.
– Дојде време целосно да го напуштиме своето колонијално минато, рече гувернерот на Барбадос, Сандра Мејсон, обраќајќи се во име на премиерката Миа Мотли.
Поранешната британска колонија, која се стекна со независност во 1966 година, задржа формална врска со британската монархија, како и некои други држави, кои некогаш беа дел од британската империја.
Гувернерката рече дека граѓаните на Барбадос сакаат некој од тој остров да биде шеф на државата.
– Тоа е крајниот израз на доверба во тоа кои сме и што можеме да постигнеме. Затоа, Барбадос ќе го направи следниот логичен чекор кон целосен суверенитет и ќе стане република до одбележувањето на 55-годишнината од независноста, рече таа.
Барбадос ќе ја одбележи годишнината од независноста во ноември следната година. (МИА)