Белоруското Министерство за внатрешни работи соопшти дека синоќа се уапсени уште 700 демонстранти, на четвртиот ден од пост-изборните протести, кои беа насилно задушени. Со тоа, вкупниот број на уапсени се искачи на 6.700 од почетокот на протестите.
Министерството оцени дека немирите „го изгубиле масовниот карактер“, но дека „нивото на агресија кон безбедносните сили е сè уште високо“.
Во соопштението од белоруското МВР уште се наведува дека изминатата седмица повредени се 103 полицајци, од кои 28 се во болница.
Министерството не соопшти колкав е бројот на повредените демонстранти, против кои полицијата употреби солзавец и пендреци, како и гумени куршуми и шок бомби.
Илјадници Белоруси протестираа синоќа во Минск и други градови во земјата, а локални медиуми јавуваат дека и во текот на претпладнето имало стотици луѓе на улиците.
Денеска на улиците на Минск излезе и дел од медицинскиот персонал, кои изразија солидарност со повредените во протестите. (МИА)