Зголемување на помошта од стотици милиони долари и поголема контрола над окупираниот Западен Брег се меѓу главните палестинските предуслови за да го поддржат тристраниот договор меѓу САД, Саудиска Арабија и Израел, дознава Би-Би-Си.
Претставници на палестинската управа вчера одржаа разговори во Ријад со нивните саудиски колеги и треба да се сретнат и со американски официјални претставници.
Се верува дека подолг период Американците се залагаат за склучување на овој важен договор за нормализирање на израелско-саудиските односи.
Ваквиот договор ќе треба да биде гарантиран од Вашингтон и ќе вклучи голем безбедносен договор што Саудијците сакаат да го постигнат со САД, но изгледите за негово постигнување се соочуваат со значителни пречки, според Би-Би-Си.
– Не очекуваме никакви итни најави или случувања во периодот што следи, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.
Саудиска Арабија никогаш официјално не го призна Израел од создавањето на државата во 1948 година.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатиот месец зборуваше за можноста за нормализација на односите, тврдејќи дека „сведоци сме на историска пресвртница“.
Во замена за признавањето на Израел, Саудиска Арабија, наводно, бара американски гаранции за напредно американско оружје и, најспорно од сè, цивилна нуклеарна програма, вклучително и збогатување ураниум во земјата.
Израел, од своја страна, би имал корист од трговските и одбранбените врски со заливската суперсила и од понатамошната историска интеграција што отсекогаш ја барала во регионот.
За да успее договорот, Израел ќе мора да направи големи отстапки за Палестинците.
Списокот на палестински барања во замена за ангажман во процесот поддржан од САД беше наведен за време на состанокот со помошничката државен секретар на САД Барбара Лиф минатата недела во Аман.
Палестински функционер за Би-Би-Си изјави дека барањата вклучуваат: Пренесување на деловите на Западниот Брег во моментов под целосна израелска контрола (позната како Област Ц според мировните договори во Осло од 1990-тите) на управување на палестинските власти; Целосно запирање на натамошен раст на израелски населби на Западниот Брег; Продолжување на саудиската финансиска поддршка за палестинската влада, која беше намалена од 2016 година и беше целосно суспендирана пред три години, во износ од околу 200 милиони долари годишно; Повторно отворање на американскиот конзулат во окупираниот Источен Ерусалим, дипломатската мисија кај Палестинците, која ја затвори претседателот Доналд Трамп. Продолжување на преговорите меѓу Израел и Палестинците со посредство на САД кои завршија во 2014 година под тогашниот државен секретар Џон Кери.
Ваквите значителни отстапки за Палестинците наводно Американците веќе ги оцениле како претерани. Овие предуслови, како што појаснува Би-Би-Си се далеку од официјалниот, јавно кажан палестински став за саудиско-израелската нормализација, а тоа е дека целосно го отфрлаат доколку Израел не им остави независна држава. (МИА)