Европската унија ќе соработува со авганистанската Влада, по враќањето на талибанците на власт, доколку тие ги почитуваат основните права и го спречуваат тероризмот, изјави денеска високиот претставник на Унијата, Јосеп Борел.
Борел изјавата ја даде по вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на Европската унија што е посветена на ситуацијата во Авганистан, пишуваат британските медиуми.
-Соработката со која било идна авганистанска Влада ќе биде условена со мирното и инклузивно решение и почитување на основните права на сите Авганистанци, вклучувајќи ги и жените, девојките и припадниците на малцинствата, рече Борел.
Шефот на европската дипломатија ги повика сите актери во Авганистан да дозволат безбеден и непречен пристап до хуманитарната помош за жените, мажите и деца кои имаат потреба од неа.
-ЕУ ги повикува талибанците да ги почитуваат нивните обврски според меѓународното хуманитарно право во сите околности. ЕУ, исто така, ќе ги поддржи соседите на Авганистан во соочувањето со зголемениот прилив на бегалци и мигранти, додаде Борел.
Според Борел, главниот заклучок од состанокот е дека треба да се обезбеди безбедна евакуација за европските граѓани во Авганистан, како и за авганистанските граѓани кои работеле со нив во последните 20 години.