Илјада британски војници ќе бидат подготвени да помогнат во случај на хуманитарна криза при евентуален руски напад врз Украина. Наредбата е дадена пред британскиот премиер Борис Џонсон да ги посети Брисел и Варшава, каде што ќе ја нагласи потребата од цврсто придржување до принципите на НАТО и ќе разговара за начините на кои Британија би можела да обезбеди воена помош додека Русија распоредува војници на украинската граница.
Неговата турнеја е дел од засилената меѓународна дипломатија во контекст на тензиите околу Украина. Во понеделникот, Лондон објави дека ќе испрати уште 350 војници во Полска, откако минатата година испрати 100 за да и помогне да се справи со миграциската криза на границата со Белорусија. Британскиот кабинет соопшти дека какви било дополнителни воени упади на Русија во Украина веројатно ќе доведат до масовно раселување на луѓето долж границите на Европа, што ќе влијае на земји како Полска и Литванија.
Даунинг стрит соопшти дека Џонсон ќе разговара со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за предлогот на Велика Британија за зајакнување на одбраната на алијансата, вклучително и со удвојување на војниците во Естонија.