Чешкиот претседател Милош Земан, како и други претставници на државата, по објавената делумна мобилизација во Русија, се заложија за зголемување на воена и друга помош за Украина.
– Руската мобилизација очигледно е последица на украинските воени успеси изминатиот период. Соодветна реакција би била зголемување на помошта за Украина, но, не само воена, истакна Земан.
Додека премиерите на Чешка и Полска, Петр Фијала и Матеуш Моравјецки предупредија дека покрај помошта за Украина, Западот мора да демонстрира сила и единство.
Фијала прво на Твитер ја обвини Русија дека со мобилизацијата настојува да го ескалира конфликтот и оти тоа е друг доказ дека единствениот агресор е всушност Русија. Затоа и понатаму потребна е помош за Украина, нешто со што Западот мора да продолжи, како што тој нагласи, и за свој интерес.
– Како земја што претседава со Европска Унија, сакаме да одржиме единствен став на европските земји кон руската агресија. Единството на Европа, што во минатото не се подразбираше, е нашето силно оружје. Мислам дека Владимир Путин беше изненаден како недвосмислено европските земји ја поддржаа Украина, како едногласно усвоивме санкции против Русија, подвлече Фијала.
Дека обраќањето на Путин, каде беше спомнато и нуклеарно оружје, значи ескалација на војната во Украина и закана за целиот свет, оцени и полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
– Потврдени се претходните информации дека Русија ќе продолжи со уништување, дека ќе се обиде да ја уништи Украина, да зграпчи делови од нејзината територија. На тоа не можеме да се согласиме. Русија изминатиот период претрпе неколку порази и затоа преминува на понатамошен план, пред очите на светот да ги менува границите, мапите, да заземе, да анектира територии, посочи Моравјецки во источниот дел на Полска, каде се одржува воената вежба МЕДВЕД22.
Според него, Полска не може да се согласи на тоа.
– Сакаме да живееме со Русија во мир, Русија која е мирољубива кон целиот свет. Но, кога Русија ја покажува својата брутална сила, ние мораме да ја покажеме нашата одбранбена сила, додаде полскиот премиер.