Земјите членки на ЕУ постигнаа согласност за продолжување на мерката за привремената заштита на лицата кои бегаат од руската агресивна војна против Украина за уште една година до 4 март 2025 година, со цел да им се гарантира сигурност за повеќе од четири милиони украински бегалци кои моментно живеат во Унијата.
По тој повод шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка Гомез, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, порача дека Унијата ќе го поддржува украинскиот народ онолку долго колку што ќе биде потребно.
– Продолжувањето на статусот на заштита им нуди сигурност на повеќе од четири милиони бегалци кои најдоа безбедно засолниште во ЕУ, нагласи Гранде-Марласка Гомез.
Механизмот за привремена заштита беше активиран на 4 март 2022 година, само неколку дена по стартот на руската инвазија на Украина, и тој им овозможува на бегалците од Украина да уживаат права за престој, социјална и здравствена заштита, образование за децата, како и пристап до пазарот на труд во членките на ЕУ.
Првично механизмот беше со важност од една година, но потоа беше продолжен во два наврати до 4 март 2024 година, а сега Европската комисија предлага тој да трае до 4 март 2025 година.
По постигнувањето на политичкиот договор на министерски состанок на Советот за правда и внатрешни работи на Унијата, Европскиот совет сега треба и формално да ја усвои одлуката за продолжување на привремената заштита.
Инаку, привремената заштита е механизам на ЕУ кој се активира во исклучителни околности на масовен прилив на бегалци. ЕУ ја донесе Директивата за привремена заштита во 2001 година, поттикната од раселувањето и приливот на бегалци поради вооружените конфликти на Балканот, пред се од Босна и Херцеговина и Косово.