Ирачки цивил е убиен во турски воздушен напад извршен денеска против курдските бунтовници во северен Ирак, соопштија локалните власти.
– Овчарот е убиен во зори. Тој е првата цивилна жртва на турската офанзива, соопштил официјален претставник кој побарал да остане анонимен.
Нападот се случил во провинцијата Дохук, во близина на тромеѓето меѓу Сирија, Турција и Ирак. Турција на 17 јуни распореди специјални сили во северен Ирак како дел од копнената операција „Канџа-Тигар“ против бунтовниците на Курдската работничка партија (ПКК).
Операцијата, која се спроведува со поддршка на авијацијата и артилеријата, е одговор на зачестените напади врз турските сили во близина на границата.
Анкара и нејзините западни сојузници ја сметаат ПКК за терористичка организација.