Данските власти денеска објавија дека ќе ја засилат воената готовност, а ќе испратат и два борбени авиони на остров во Балтичкото Море „поради неприфатливиот руски воен притисок врз Украина“.
Данската одбранбена команда најави дека ќе подготви борбен батаљон од 700 до 800 војници кои ќе можат да придонесат во операциите на НАТО во рок од еден до пет дена, во споредба со сегашните 30 дена.
– Ги зајакнуваме нашите воени капацитети за да можеме побрзо да одговориме доколку тоа го бара ситуацијата, истакна началникот на ГШ на данските вооружени сили Флеминг Лентфер.
Тој нагласи дека заканата за Данска во моментов не е зголемена. Данска, исто така, ќе подготви фрегата за задачи и планира да испрати два авиона Ф-16 на данскиот остров Борнхолм „во блиска иднина“.