вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Дел од земјите на ЕУ сметаат дека нуклеарната енергија е клучна за европската зелена транзиција

Дел од земјите на ЕУ сметаат дека нуклеарната енергија е клучна за европската зелена транзиција

Про-нуклеарните земји ја гледаат нуклеарната енергија како клучна за транзицијата на Европа кон економија со ниско ниво на јаглерод, во услови на длабоки несогласувања во ЕУ околу нејзината улога во исполнувањето на климатските цели, пренесува Хина.

Долгогодишните поделби околу нуклеарната енергија во 27-члената Унија се продлабочија оваа година откако земјите се судрија околу тоа дали нуклеарната енергија со ниска емисија на јаглерод треба да се смета за дел од целите на обновливите извори на енергија.

Тензиите се зголемија и меѓу Франција, Шпанија и Германија, најголемиот потрошувач на енергија во Европа, која ги затвори последните нуклеарни реактори во април, околу тоа дали планираните енергетски инфраструктурни проекти треба да ја поддржат нуклеарната енергија.

На состанокот во Париз, 16 влади ја повикаа ЕУ да обезбеди поголема поддршка за нуклеарната енергија преку нејзините енергетски политики, вклучително и субвенциите за зелената индустрија и „банката“ на водород во Унијата.

Брисел најави дека само одредени напредни нуклеарни технологии ќе добијат стимулации од ЕУ за зелените индустрии.

– Нуклеарната енергија е важен ресурс, и за нашата безбедност на снабдувањето и за климатските обврски, рече во своето воведно обраќање француската министерка за енергетика Ањес Паниер-Рунашер, која го свика состанокот.

На средбата присуствуваа еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон и претставници на 14 земји од ЕУ, вклучувајќи ги Белгија и Холандија, како и Италија како набљудувач и Обединетото Кралство како гостин надвор од Унијата.

Земјите разговараа како да работат заедно за да ги зголемат можностите за вработување во европската нуклеарна индустрија.

Европа има околу 100 GW инсталиран нуклеарен капацитет, што произведува приближно една четвртина од електричната енергија во Европската Унија.

Нуклеарната енергија може да произведе голема количина електрична енергија без CO2, а европските земји, како што е Полска, која допрва треба да го изгради својот прв реактор, како и Чешка, гледаат на тоа како начин за постепено исфрлање на фосилните горива.

– Нашата цел е да разговараме за тоа како да го финансираме брзиот развој на современите нуклеарни технологии како стабилен извор на енергија без јаглерод во иднина, рече чешкиот министер за енергетика Јозеф Сикела.

Нуклеарната енергија не е обновлива бидејќи се потпира на необновлив извор и исто така произведува радиоактивен отпад. Затоа, антинуклеарните земји, вклучително и Австрија, веруваат дека владите треба да се охрабрат да се фокусираат на обновливите извори на енергија како што се ветерот и сонцето.

Во нацрт-изјавата на земјите по состанокот, во кој имал увид Ројтерс, се вели дека земјите ќе се фокусираат на намалување на нивната зависност од руското нуклеарно гориво, пренесува Хина.

Француската министерка Паниер-Рунашер рече дека Брисел може да го помогне овој процес со поддршка на развојот на конверзија и збогатување ураниум во Европа.