Украинскиот омбудсман за човекови права Људмила Денисова денеска изјави дека повеќе од 400 жители на градот Хостомел се водат како исчезнати, по 35 дена окупација од страна на руските сили и се повика на изјавите на сведоците кои тврдат дека некои од нив биле убиени.
„Повеќе од 400 луѓе исчезнаа за време на 35-те дена окупација во Хостомел. Сведоци тврдат дека некои се убиени, а се уште не се знае каде се“, изјави Денисова.
Таа не кажа колку луѓе можеби биле убиени во Хостомел, во близина на главниот град Киев, и не даде директни докази за нејзините тврдења, како и на кого се повикуваат сведоците и други детали.
Руските сили го зазедоа Хостомел, лоциран во близина на аеродромот, веднаш по инвазијата на Украина на 24 февруари, а украинските власти истражуваат други извештаи за наводни руски злосторства, вклучително и во градот Буча, во близина на главниот град Киев.
Кремљ соопшти дека обвинувањата дека руските сили извршиле воени злосторства убивајќи цивили во Украина, вклучително и во Буча, се „монструозен фалсификат“ со цел да се клевети руската војска.