вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Детали за крвавата егзекуција: Новинарот застрелан во гради, девојка му во глава додека бегала

Детали за крвавата егзекуција: Новинарот застрелан во гради, девојка му во глава додека бегала

Истражувачкиот новинар Јан Куциак и неговата девојка се убиени во неговиот стан, изјави шефот на словачката полиција Тибор Гашпар.

Тој додаде дека Куциак и неговата девојка се пронајдени мртви во неделата вечерта во неговиот стан во градот Велка Мача, источно од Братислава. Полицијата реагирала откако била алармирана од член на семејството на новинарот.

Како што пренесуваат словачките медиуми, Куцијак бил застрелан во градите, а неговата девојка во главата. Се укажува на тоа дека станува збор за егзекуција и оти убиецот е професионалец.

Трагите на местото на злосторството наведуваат на заклучок дека Мартина се обидела да побегне и да се сокрие од напаѓачот, но не успеала. Куцијак во последните три години работел за словачкиот информативен сајт „Actuality.sk”.

Тој се занимавал со истражување на затајување на данок.

Сомнителни бизнисмени поврзани со владејачката партија

Една од последните стории со кои се занимавал, се однесувала на контроверзниот словачки бизнисмен Марјан Кочнер и неговата поврзаност со неколку словачки политичари.

Куцијак пишал низа текстови за затајувањето на данок и измамите кои се однесуваат на еден комплекс лукзусни згради во кои стан имал и Кочнер, како и за долговите на компанијата „Real Štúdio K.F.A”, која го градела тој комплекс, а со која бизнисменот бил поврзан.

Кочнер наводно му се заканувал на Куцијак, за што новинарот минатиот септември поднел кривична пријава против него. Кочнер наводно му рекол на новинарот дека тој ќе најде “валкани работи“ за него и неговото семејство и оти ќе се погрижи никогаш повеќе да не најде работа. Кочнер изјавил дека тој нема никаква врска со убиството на новинарот и дека не му се заканувал.

„Тоа се апсолутни бесмислици – изјавил тој за државната словачка телевизија.

Контроверзниот бизнисмен изјавил дека не бил во контакт со новинарот “некои два- три месеци“.

„Ова е голема трагедија“ – изјавил тој за убиството.

Изградбата на комплексот на луксузни станови минатата година беше во центарот на политичкиот скандал во Словачка. Тајкунот Ладислав Баштемак, кој е еден од главните инвеститори на изградбата е обвинет за затајување на данок. Тој купил седум станови за 12 милиони евра, а потоа неправедно му бил вратен данокот на додадена вредност (ДДВ) во износ од два милиона евра.

Баштемак приватно е близок со словачкиот премиер Роберт Фицо. Овој скандал довел до големи протести минатата година, кога Словаците барале министерот за внатрешни работи Роберт Калињак да поднесе оставка, поради обвиненијата дека Баштемак му дал мито.

Меѓутоа, Калињак и понатаму е на чело на министерството за внатрешни работи. Куцијак пишувал и за неколкумина сомнителни бизнисмени чии имиња се спомнуваат во Панамските документи поради затајување на данок, како што е Мирослав Бодор, а кои се поврзани со владејачката партија во земјата.

Вмешана и италијанската мафија?

Меѓутоа, изгледа Куцијак наишол на трага и за активностите на италијанската мафија во земјата. Како што пренесува „Њујорк тајмс“, еден долгогодишен истражувачки новинар кој живее и работи во Братислава, Том Николсон, рекол дека разговарал со Куцијак пред околу недела дена во врска со случајот на кој работеле и двајцата, а кој се однесувал на можната вмешаност на италијанската мафија во злоупотребата на фондовите на Европската унија во Словачка.

Куцијак, според Николсон, разговарал и со италијанските новинари за да му ги потврдат идентитетите на мафијашите кои се активни во Словачка. Владата на Словачка соопшти дека ќе плати милион евра за информации кои ќе доведат до апсење на убиец.