Русија ги предупреди Соединетите Американски Држави да избегнат воена акција како одговор за наводниот хемиски напад во Сирија.
-Уште еднаш ќе ве замолам да се воздржите од плановите кои во моментот се развиваат, изјави рускиот претставник на Обединетите нации, Василиј Небензиа.
Тој го предупреди Вашингтон дека ќе сноси одговорност за каква било нелегална воена авантура што би ја спровел.
Но, западните водачи велат дека се согласиле да работат заедно за да ги нападнат одговорните за нападот во Дума.
Францускиот претседател, Емануел Макрон изјави дека со секој напад, мета би биле хемиските капацитети на Сирија.
Американскиот претседател Доналд Трамп вети силен одговор. Тој, како и секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис ги откажаа сите планови за патување во Јужна Америка за да се фокусираат на состојбите во Сирија.
Предупредувањето од Москва дојде за време на поделен состанок на Советот за безбедност на ОН, кој не презеде никакви мерки за поставување на истрага за наводниот напад.
Како постојани членови на советот, Русија и САД имаат моќ да стават вето. И двете држави ги блокираа меѓусебните предлози за поставување независни истраги.
Резолуцијата изготвена од САД ќе им дозволи на истражувачите да ја делат вината за осомничениот напад.
Тим од Организацијата за забрана на хемиско оружје треба да се распореди во Сирија наскоро, за да се утврди дали забрането оружје се користело во Дума.
Но, Организацијата нема да бара да утврди кој е одговорен за нападот.
Претседателот на државата, Башар ал Асад веќе неколку пати демантираше какво било користење на хемиско оружје.
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска телефонски разговарал со британската премиерка Тереза Меј за состојбата во Сирија, по најновиот наводен напад со хемиско оружје, за кој САД и Британија ја обвинија сириската армија.
– Двајцата лидери го осудија суровото непочитување на човечките животи од страна на сирискиот претседател Асад. Претседателот и премиерката се согласија дека нема да дозволат да продолжи употребата на хемиско оружје, соопшти Белата куќа по телефонскиот разговор.
Британската премиерка Тереза Мај претходно информира дека разговарала и со францускиот претседател Емануел Макрон.
На прашањето дали Велика Британија ќе им се приклучи на САД доколку Вашингтон одлучи да преземе понатамошни воени дејствија во Сирија, таа одби директно да одговори на прашањето, но рече дека „смета оти треба да се побара одговор од одговорните“.
Меј рече дека вечерва ќе претседава со состанок на Британскиот совет за национална безбедност.
Инаку, ова не е единствен напад со хемиско оружје во граѓанската војна во Сирија која трае од 2011. година. Во изминатите години, неколку пати врз цивили беше користено хемиско оружје од стран на терористичката организација Исламска држава, но и од режимот на Башар ал Асад. И покрај обвинувањата од Западот, Сирија ги негираше сите хемиски напади досега.
Русија ќе ги соборува американските ракети и ќе стрела на локациите од каде полетуваат
Русија има право да ги собори сите ракети и да ги уништи локациите од каде тие се упатуваат, во случај на агресија на САД кон Сирија, изјави амбасадорот на Русија во Либан, Александар Засипкин за либанската телевизија „Ал манар“.
– Русија ќе постапи по наредбите на својот претседател, ако има агресијата на САД во Сирија. Русија ќе ги соборува американските ракети и ќе нападне на локациите од каде се лансираат истите, рече амбасадорот Засипкин.
Претходно, заменикот претседател на Комитетот на Советот на Федерацијата за одбрана и безбедност, Евгениј Серебреников соопшти доколку погинат руски војници во нападот на САД во Сирија, одговорот на Русија ќе биде молскавичен.