Директорката на американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД), Саманта Пауер денеска пристигна во посета на Украина.
Таа е највисокиот американски функционер што ја посетил земјата откако Русија незаконски анектираше четири украински региони.
Пауер пристигна во Киев и се сретна со владини претставници и жители на градот. Таа истакна дека САД ќе обезбедат дополнителни 55 милиони долари за поправка на градската инфраструктура за греење и други објекти.
Таа, исто така, посети една од киевските населби и училиште погодено од руски ракети.
УСАИД соопшти дека САД од февруари и испорачале помош на Украина во висина од 9,89 милијарди долари. Законот потпишан од претседателот Џо Бајден минатата недела обезбедува дополнителна помош од 12,3 милијарди долари за Украина, наменета и за воени потреби и за јавни услуги.
Пауер посочи дека Вашингтон има намера да ги ослободи првите 4,5 милијарди долари од тие средства во наредните недели.