Во Украина денеска се зголемува очајот додека руските сили продолжија со напредувањето, а безбедните рути договорени за евакуација на цивилите беа спроведени само со делумен успех, јави дописникот на ДПА од Киев.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски сигнализираше подготвеност за компромис, еден ден пред да се одржат мировните преговори во Турција.
Киев соопшти дека руските сили бомбардирале породилиште во Мариупол, при што биле повредени 17 лица. Досега само во Мариупол се убиени 1.207 цивили од почетокот на руската инвазија, според локален претставник.
До вечерва руските сили дополнително напредуваа во Донбас со помош на руската армија и отидоа уште еден километар поблиску до Мариупол, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков, пренесува ДПА.
Руската армија, исто така, постигна напредок околу Харков, при што руските војници неодамна се приближија до градот, според Пентагон.
Руските трупи, исто така, постигнаа напредок околу Миколајев, рече претставник на американската одбрана, додавајќи дека се приближувале на 15 километри северно од градот.
„Во конфликтот Русија уништи 81 украинска радарска станица за воздушна одбрана, што значи дека украинските системи за противвоздушна одбрана повеќе не се во можност да ги одбијат руските воздушни сили“, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана.
Од друга страна, официјален претставник на американската одбрана тврди дека украинскиот систем за противвоздушна одбрана останува функционален.
Вашингтон, исто така, соопшти дека Русија ја гаѓа Украина со бомби без систем за прецизно наведување. „Видовме индикации дека тие фрлиле неми бомби“, рече претставник на американската одбрана, но сепак истакна дека тоа не може да се докаже во одредени случаи. Тој соопшти за „зголемена штета на цивилната инфраструктура и бројот на цивилните жртви“.
Во меѓувреме, обидите да се обезбеди безбеден премин надвор од областите што Русија ги бомбардира се покажаа бавни и неуспешни, а Москва и Киев меѓусебно се обвинија за прекршување на примирјето.
Претходно имаше извештаи за пукање од страна на руски војници додека цивилите се обидуваат да побегнат од опколените градови, и покрај тоа што Украина и Русија начелно се согласија за отворање на шест коридори за евакуација.
Стотици илјадници цивили, особено во пристанишниот град Мариупол, се надеваа дека ќе бидат спасени од тамошните очајни услови, но договорениот коридор сè уште не профункционира, велат сепаратистите во регионот на Доњецк, пренесува ДПА.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер напиша: „Русија продолжува да држи како заложници повеќе од 400.000 луѓе во Мариупол, блокирајќи ја хуманитарната помош и евакуацијата“.
Сепак, Москва ги отфрли тврдењата и вели дека Украина ги гранатира руските позиции и одбива да ги евакуира граѓаните во Русија.
Но, со продолжувањето на бомбардирањето, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја истакна својата подготвеност за компромис пред утрешните мировни преговори со руските претставници.
„Во какви било преговори, мојата цел е да се стави крај на војната со Русија. И јас сум исто така подготвен да преземам одредени чекори“, изјави Зеленски за германскиот весник „Билд“.
Утрешните разговори треба да се одржат меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговиот украински колега Кулеба во Анталија. Тие ќе бидат разговори на највисоко ниво меѓу двете страни од почетокот на руската инвазија пред две недели.
– Може да се направат компромиси, но тие не смеат да бидат предавство на мојата земја, рече Зеленски, без да даде дополнителни детали. Тој исто така истакна дека и другата страна треба да биде подготвена на компромис.
Зеленски рече дека сè уште не сака јавно „да зборува за деталите“, особено што сè уште немал директен контакт со рускиот претседател Владимир Путин. „Само по директните разговори меѓу двајцата претседатели можеме да ставиме крај на оваа војна, потенцираше претседателот на Украина. (МИА)