Ние сме „соочени со ѕид“ и „војната ќе биде долга“, изјави денеска францускиот министер за Европа и за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан, за Франс Интер.
Како што јави дописникот на МИА, Дриан истакна дека е песимист и оти најлошото е пред нас.
Запрашан за нападот врз воената база Јаворив во близина на Лавов, при што загинаа најмалку 35 луѓе, Дриан оцени: „Никаде во Украина денес не сме безбедни од бомби. Украина е под оган од руските сили“.
Дриан, одговарајќи на прашањето дали е можно да се воведе ембарго за увоз на руски гас и нафта, посочи дека „нема табу“ и оти „сè е на маса“.
Министерот за надворешни работи прецизира дека оваа војна ќе има последици и врз француската економија.
– Се наоѓаме во многу тешка ситуација. Мора да ги контролираме енергетските трошоци, наведе шефот на француската дипломатија.
Тој изјави и дека руско-украинските преговори се блокирани од максималистичките барања на Русија.