Претседателот на Полска Анджеј Дуда ги спореди денеска руските напади на Украина со нацистичките напади за време на Втората светска војна, велејќи дека опколениот Мариупол „денеска изгледа како Варшава 1944 година по бомбардирањето и убивањето цивили од германските нацисти“.
„Моите сонародници, Полјаци, гледаат во Мариупол и зборуваат со солзи во очите: Господи, Мариупол изгледа како Варшава во 1944 година кога нацистите, Хитлерова Германија, брутално бомбардираа куќи, убиваа луѓе, цивили, без милост“, изјави Дуда.
Дуда, додаде дека руските лидери и војска се однесуваат на целосно ист начин, „како Хитлер, како германските СС и германските пилоти на фашистичката армија за време на Втората светска војна“.
Полскиот претседател Дуда оваа недела ќе биде домаќин на американскиот претседател Џозеф Бајден во Варшава. (МИА)