петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Два кинески носачи на авиони одат кон Тајванскиот теснец

Два кинески носачи на авиони одат кон Тајванскиот теснец

Дописникот на Би-би-си од Тајван, Руперт Винфилд Хејс, јави дека, според достапните информации, два кинески носачи на авиони заедно со придружните бродови тргнале кон Тајванскиот теснец.

Пекинг по посетата на шефицата на долниот дом на американскиот Конгрес Ненси Пелоси најави големи вежби во шест поморски зони околу Тајван во кои ќе спроведе маневри со боева муниција, што има потенцијал да прерасне во сериозна криза, јавува Би-би-си.

Пекинг, потсетува Винфилд Хејс, истото го направи во 1996 година кога ситуацијата прерасна во таканаречената „Криза во Тајванскиот теснец“. Но тогаш зоните на кинеските воени вежби беа надвор од територијални води на Тајван. Овој пат шесте зони навлегуваат во тајванските води, што е без преседан, наведува дописникот на британскиот сервис.

Ако Кина навистина влезе со своите воени бродови или авиони во тие области, тоа технички ќе значи инвазија. Со тоа влоговите уште повеќе растат бидејќи Тајван би можел да се почувствува приморан да ги брани своите територијални води.

Тензиите се поопасни поради тоа што американскиот носач на авиони УСС Роналд Реган со својата борбена група е во блиското Филипинско Море. Американскиот претседател Бил Клинтон во 1996 испрати две борбени групи на носачи на авиони во близина на Тајван, за на Кина да ѝ даде до знаење дека САД се спремни на интервенција ако Кина го нападне островот.

Но, воената ситуација сега е многу поинаква од таа во 1996. Кина сега има три носачи на авиони од кои два, како што јавува Би-би-си, се упатени кон Тајванскиот теснец.

фото:EPA-EFE