понеделник, 11. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Џонсон најверојатно ќе биде под партиска истрага поради коментарите за бурките

Џонсон најверојатно ќе биде под партиска истрага поради коментарите за бурките

Против поранешниот британски министер за надворешни работи Борис Џонсон ќе биде покрената истрага поради евентуално кршење на кодексот на однесување на Конзервативната партија, поради неговите коментари за жените кои носат бурка, објави денеска „Ивнинг стандард“.

Весникот повикувајќи се на неименувани извори во партијата наведува дека формалната одлука за упатување на Џонсон пред истражна комисија се очекува во текот на денот.

Конзервативната партија одби да ги коментира таквите наводи.

Џонсон во авторски текст објавен во „Дејли телеграф“ наведе дека не ја поддржува забраната за бурките, додавајќи дека е жените во бурка наликуваат на „поштенски сандачиња“ или „крадци на банки“.

– Целосно е смешно што луѓето избираат да шетаат облечени како поштенски сандачиња, истакна Џонсон.

Претходно, лидерката на британската владејачка Конзервативна партија, Тереза Меј побара од поранешниот министер за надворешни работи Борис Џонсон да се извини поради навредите за жените што носат бурка.

И државниот министер за Блискиот Исток во британското Министерство за надворешни работи Алистер Барт изјави дека од коментарите на Џонсон „многу луѓе биле навредени“.

Претседателот на британската Конзервативна партија, Брендон Луис на Твитер објави дека се согласува со Барт и побара Џонсон да се извини за неумесните коментари.

И основачот на Конзервативниот муслимански форум Мохамед Шеик изјави дека текстот на Џонсон „воопшто не е во ред“.

Џонсон се уште не се извини за неумесните коментари.

МИА