Европската централна банка ќе ја прекине својата програма за поттикнување откуп на обврзници на почетокот на третиот квартал од оваа година, по што планира да ги зголеми каматните стапки. Тоа го најави денеска во Љубљана претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард.
Таа во Љубљана присуствуваше на свечената прослава на 30-годишнината од независната словенечка централна банка, а во својот говор ги коментираше актуелните очекувања во однос на зголемената инфлација во Европа и каматната политика на ЕЦБ.
Лагард рече дека нејзините очекувања се програмата за стимулирање на купување обврзници на ЕЦБ да заврши на почетокот на следниот квартал, по што со текот на времето треба да следи зголемување на каматната стапка.
„Првото зголемување на каматната стапка ќе следи некое време по завршувањето на нето откупот на обврзниците, што може да значи во рок од неколку недели после тоа“, рече Легард.
По првото зголемување на каматната стапка, процесот на нормализирање ќе се одвива постепено. Таа, исто така, предупреди на зголемената инфлација, нагласувајќи дека војната во Украина предизвикува „структурни промени“, кои според неа може да доведат до „понатамошни негативни шокови во понудата“ и да го засилат притисокот врз трошоците и цените.