Ова е национална катастрофа, никогаш во животот не сум видел волку голема катастрофа, рече со солзи на гувернерот на Бејрут, Марван Абуд, обраќајќи им се на новинарите меѓу урнатините на пристаништето во Бејрут, уништени од страотната експлозија во која загинаа најмалку 135 лица.
Со уште 80 исчезнати и повеќе од 5.000 повредени, се претпоставува дека бројот на загинати ќе се зголеми.
Околу 30.000 жители на либанскиот главен град останаа без покрив над главата, што е речиси 10 проценти од Бејрут и околината.
Болниците во кои се сместени илјадници повредени веќе се преполни со луѓе заразени со Ковид-19 и страдаат од недостиг на медицински материјали, а голем број се и оштетени од експлозијата.
Иако во последните десет години Либан беше погоден од војни и тероризам, катастрофата што се случи во вторникот вечерта, според досегашните информации, не е последица на воен или терористички напад.
Гувернерот Абуд го спореди уништувањето со она во Хирошима и Нагасаки на крајот од Втората светска војна, иако во овој случај тоа не беше атомска бомба.
Таквите шпекулации беа предизвикани од облакот од експлозијата во облик на печурка и големиот бран експлозија што се прошири со километри.
Сепак, експертите брзо ги отфрлија таквите теории.
Мартин Фајфер од Универзитетот Њу Мексико за „Бизнис инсајдер“ ја коментираше експлозијата и рече дека не може да биде нуклеарна бомба, но оти пожарот довел до детонација на хемикалии или некој експлозивен материјал.
Посоодветна споредба би била таа со украинскиот, односно советскиот Чернобил во 1986 година, пишува либанско-британскиот новинар Оз Катерџи за „Форин Полиси“.
– Како и советската катастрофа, така и либанската е резултат на сериозна неспособност, системска корупција и небрежност – и нејзиниот ефект ќе биде многу поширок од почетната експлозија. Како и либанскиот здравствен систем, целата земја беше на работ на пукање дури и пред експлозијата, пишува Катерџи. (MИА)