Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска соопшти дека одобрила примена на вакцината „Модерна“ против коронавирус за деца на возраст од 6 до 11 години и препорачала засилена доза на вакцината „Фајзер“ за деца на возраст од 12 и повеќе години.
„Модерна“ е втора вакцина против коронавирусот по „Фајзер“, која е одобрена во ЕУ за деца и под 18 години.
ЕМА наведува дека „Модерна“ на деца на возраст од шест до 11 години ќе им се дава половина од дозата во однос на возрасните, со оценка дека е докажано дека децата на таа возраст имаат имунолошки одговор кој може да се спореди со оној кај постарата популација.
За време на редовната прес-конференција, ЕМА соопшти дека податоците од повеќе од 400.000 вакцинирани деца, вклучително и Израел и САД, покажале дека третата доза на Фајзер била „ефикасна и безбедна“ кај луѓе на возраст од 12 години и постари.
Се нагласува дека случаите на воспаление на срцето и други несакани ефекти од вакцината кај оние меѓу 12 и 18 години биле „многу ретки“ и дека децата обично се изложени на многу помал ризик од тешка болест, но сепак се ранливи на високи нивоа на пренос..