Четворица американски демократи испратија официјални барања до извршните директори на Јутјуб, ТикТок, Твитер и компанијата -мајка на Фејсбук, Мета, барајќи од нив „да ја зачуваат и архивираат содржината“ што може да се користи како доказ за руските воени злосторства во Украина, јави Ен-Би-Си њуз.
Медиумот тврди дека има копија од писмото до извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, во кое се повикува неговата компанија да помогне, „додека американската влада и меѓународните набљудувачи за човекови права и одговорност ги истражуваат руските воени злосторства, злосторствата против човештвото и другите злосторства во Украина“.
Според Ен-Би-Си, писмата ги потпишале конгресмените Каролин Мелони, Грегори Микс, Стивен Линч и Вилијам Китинг.
Ен-Би-Си вели дека конгресмените експлицитно побарале од компаниите на социјалните медиуми „да ја означат содржината која содржи потенцијални докази за воени злосторства и други злосторства“.
Се истакнува дека Јутјуб, ТикТок, Твитер и Фејсбук засега не одговориле на нивните барања за коментар. (МИА)