Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека неговата земја, членка на НАТО, „не е наклонета“ за приклучување на Шведска и Финска во Северноатлантската алијанса.
Ердоган како причина за таквиот став ја наведе наводната поддршка на Шведска и другите скандинавски земји за курдските борци и другите групи кои Анкара ги смета за терористи.
„Скандинавските земји дејствуваат како пансион за терористички организации“, рече тој во петокот, мислејќи на курдските и левичарските милитантни групи.
Шведска и Финска утре во Берлин ќе разговараат со Турција, најавија министрите за надворешни работи на двете скандинавски земји.
Шведската министерка Ен Линде изјави за АФП дека „ќе има можност да разговара за можната шведска кандидатура“ со нејзиниот турски колега за време на планираниот неформален состанок на министрите на НАТО, на кој беа поканети и Шведска и Финска.
„Се надевам дека ќе продолжиме да имаме позитивни пораки од сите 30 земји-членки на НАТО. Многу од 30-те сојузници јавно изразија силна поддршка за Шведска и Финска“, рече таа.
Во исто време, на прес-конференција во Хелсинки, финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто изјави дека има намера „да го продолжи разговорот“ со турскиот министер Мевлут Чавушоглу.
„Мислам дека ни е потребно трпение во овој процес и тоа не треба да се направи во еден ден… треба да ги правиме работите чекор по чекор“, рече тој и потсети дека Финска сè уште официјално ја нема поднесено својата кандидатура.