среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Естонија ги затвора границите за Русите со шенген визи

Естонија ги затвора границите за Русите со шенген визи

Следната недела Естонија ќе ги затвори границите за руските граѓани со шенген визи издадени од таа земја, објави денеска естонскиот министер за надворешни работи Урмас Рејнсалу.

– За една недела ќе се применат санкции за шенген визите што ги издава Естонија на граѓаните на Русија. Санкцијата значи дека визите ќе останат валидни, но носителите на визи ќе бидат санкционирани при влез во Естонија, односно ќе им биде забранет влезот – рече Рејнсалу на прес-конференцијата.

Тој изјави дека вработените во дипломатските претставништва во Естонија и членовите на нивните семејства, лицата кои се занимаваат со меѓународен карго и патнички транспорт и оние кои имаат право на слободно движење според правото на ЕУ ќе бидат ослободени од санкции, пренесува РИА Новости.

Од санкциите ќе бидат изземени и лицата чиј влез во Естонија е неопходен од хуманитарни причини, блиските роднини на естонските граѓани и оние кои имаат дозвола за постојан престој во Естонија.

Естонскaтa премиерка Каја Калас во вторникот изјави дека е неопходно да се прекине издавањето туристички визи за руските граѓани и посетата на Европа ја нарече „привилегија, а не човеково право“.

По почетокот на војната во Украина, некои европски земји предложија да се ограничи издавањето шенген визи за Русите.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пред два дена ги повика западните земји да забранат влез на сите Руси на една година.

Зеленски во интервју за „Вашингтон пост“ оцени дека најважни санкции се затворањето на границите затоа што „Русите ја одземаат туѓата земја“.