Земјите членки на ЕУ апелираат до Европската Комисија да предложи конкретни мерки за борба против уништувањето на шумите како дел од новиот европски Зелен пакт.
Барањето на сите 28 земји членки е усвоено едногласно, тие изразуваат “длабока загриженост“ за недостатокот на конкретни политички мерки за спречување на дефорестацијата и бараат од Европската Комисија итно да се координира со земјите на ЕУ, индустријата, граѓанското општество и земјите партнери на ЕУ во рамките на Зелениот пакт на ЕУ.
ЕУ членките препорачуваат во иднина во сите трговски партнерства со трети земји да бидат вклучени специфични услови за одржливо управување со шумите како и одржливи земјоделски производи кои не предизвикуваат уништување на шумите. ЕУ смета дека политиките на финансирање треба да бидат пренасочени кон одржлива употреба на почвата и истакнуваат дека треба да се мобилизираат доволно средства за заштита и ресторација на шумите во светот.