ЕУ има јасен став дека го поддржува решението за две држави за израелско-палестинскиот конфликт и ги повикува двете страни да седнат на преговарачката маса и да ги обноват преговорите, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.
– ЕУ јасно порача дека сака да им помогне на двете страни да најдат решение. ЕУ не е причина за конфликтот меѓу Израелците и Палестинците. Ние не сме дел од конфликтот, ние сме меѓународен играч кој се однесува одговорно и секогаш ќе се труди да ги поттикнува партнерите да најдат решение, изјави Стано, додавајќи дека двете страни треба да отворат кредибилен хоризонт кон мирот.
Според Стано, позицијата на ЕУ е јасна дека во услови на сегашниот брутален и безчуствителен напад од страна на Хамас започнат во саботата, Израел има право да се брани себе си и своите граѓани, но дека тоа треба да го прави со почитување на меѓународното право.
– Тој напад продолжува. Се уште гледаме дека летаат ракети, се уште има заложници, кои кој знае во каква позиција се наоѓаат според сликите што ги видовме. Земањето и држењето цивили како заложници е во спротивност со секое право и норми на цивилизирано однесување. Тоа на што сведочиме сега како израелски одговор е директна последица на она што Хамас го започна во саботата, истакна Стано, додавајќи дека ЕУ повикува на стопирање на насилството и ослободување на киднапираните израелските граѓани од страна Хамас.
Стано потсети дека за последиците од најновиот развој на настаните во израелско-палестинскиот конфликт ќе се разговара на попладневниот неформален состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.