Европската Комисија позитивно одговорила и одобрила финансиска помош за Грција во висина од 130 милиони евра за изградба на три затворени и контролирани центри за бегалци и мигранти на грчките острови Самос, Лерос и Кос, јави дописничката на МИА од Атина.
-Европската Комисија во дописот до Министерството „ги поздравува напорите што ги прави Министерството за миграција и азил за справување со ситуацијата со мигрантите во Грција и целосно ја препознава итната потреба за оваа финансиска поддршка“, соопштуваат од Министерството за миграција и азил и Грција.
Говорејќи за мигрантското прашање на денешниот редовен брифинг со новинарите, портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, рече дека во изминатите четири месеци за 93,12 отсто биле намалени брановите бегалци и мигранти на островите.
Во периодот април-јули 2020 година пристигнале 850 лица, наспроти 12.363 истиот период лани.
На островите Хиос, Кос и Лерос, во изминатите четири месеци не било регистрирано ниту едно ново пристигнување, на Самос пристигнале само осум лица, а на Лезбос имало намалување за 85 отсто.
Паралелно, како што рече Пецас, продолжува и префрлањето на бегалци од островите во континенталниот дел на земјата и за чеири месеци биле префрлени 11.295, лица, наспроти 3.186.
-Владата, како следна цел го поставува зајакнувањето на безбедноста во центрите, во корист како на оние кои престојуваат таму, така и на локалното население, истакна Пецас. (МИА)