Европската Унија смета на цврсти односи со Велика Британија, со целосно почитување на договорот постигнат по нејзиниот излез од блокот, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Во времиња кога нашиот континент е на испит, сметаме на цврсти односи со Обединетото Кралство за да ги одбраниме нашите заеднички вредности, со целосно почитување на нашите договори, напиша Фон дер Лајен на Твитер и му честиташе на Риши Сунак за неговото назначување за нов премиер на Велика Британија.
Францускиот претседател Емануел Макрон исто така му честиташе на Сунак на Твитер, додавајќи дека би сакал да соработува со него околу заедничките предизвици како што е војната во Украина со нејзините бројни последици врз Европа и светот.
Поранешниот британски лидер Борис Џонсон му честиташе на Сунак, повикувајќи ги колегите од Конзервативната партија да му пружат целосна поддршка.
– Му честитам на Риши Сунак на овој историски ден, ова е момент кога секој конзервативец на новиот премиер треба да му пружи целосна и сесрдна поддршка, објави Џонсон на Твитер.
Риши Сунак денеска официјално стана петти премиер на Велика Британија во изминатите шест години. (МИА)