Европската унија со „длабока загриженост“ го следи насилството на Ридот на храмовите во близина на џамијата Ал Акса во Ерусалим, нагласи портпаролот на ЕУ за надворешни работи Петер Стано во изјава.
-Насилството треба веднаш да престане, рече Стано денеска и повика да се почитува статус квото на светите места и да се избегнат цивилни жртви.
-Палестинско-израелската безбедносна соработка е од суштинско значење, додаде тој.
-Сите лидери имаат одговорност да дејствуваат против екстремистите. ЕУ го повторува повикот до сите страни да се вклучат во напорите за деескалација, рече Стано.
Повеќе од 150 луѓе се повредени денеска кај џамијата Ал Акса во Ерусалим во судирите меѓу палестинските демонстранти и израелската полиција. Ова се први судири во областа од почетокот на Рамазан.
Според израелската полиција, „десетици маскирани лица“ влегле во Ал Акса и почнале да пукаат, по што толпата фрлала камења кон Ѕидот на плачот, кој се смета за најсвето место каде Евреите можат да се молат.
Очевидци велат дека Палестинците фрлале камења врз израелските сили, кои пукале со гумени куршуми и звучни гранати. (МИА)