Шефот на делегацијата на Европската унија во Србија Емануел Жофре и шефовите на мисиите на земјите-членки на ЕУ во Белград во заеднички авторски текст во денешен Курир порачаа дека сметаат на Србија на гласањето „за резолуцијата на Обединетите нации (ОН) за руската агресија врз Украина, јави дописникот на МИА од Белград.
-Дел од пристапувањето во Унијата е целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика. Денеска Генералното собрание на ОН ќе гласа за резолуцијата на ОН за руската агресија врз Украина. Секој глас е важен. Секој глас се смета. А ние сметаме на Србија“, се вели во текстот објавен во Курир.
Како што истакнаа тие, „ЕУ ја повторува својата непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“ и дека „Русија мора веднаш да прекине со воената акција, безусловно да ги повлече сите свои сили; и воената опрема од целата територија на Украина и целосно го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина“.
-Употребата на сила и принуда што ги користи Русија нема место во 21 век. Војната никогаш не е решение, како што болно го доживеаја народите на Балканот на крајот на минатиот век. Со ставањето во приправност на своите нуклерани сили, Русија оди потполно по неодговрен пат, порачаа амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Белград. (МИА)