Европратениците на пленарна седница денеска треба да ја потврдат новата Европска Комисија на Урсула фон дер Лајен. Доколку добие зелено светло, избрана претседателка ќе може да почне со работа на втори декември.
Гласањето ќе се одржи точно на пладне денеска во Стразбур. Пред тоа, избраната претседателка ќе се соочи со европратениците на кои ќе им го презентира нејзиниот тим на членови на Европската Комисија.
По макотрпен процес на сослушувања за време на кој тројца кандидати беа отфрлени и потоа заменети со нови имиња, Урсула фон дер Лајен конечно доби зелено светло за сите 26 кандидати за еврокомесари пред десетина дена.
Денеска Европскиот Парламент ќе гласа за целокупниот совет со просто мнозинство.
Другиот ко-одлучувач, Советот на ЕУ, веќе даде зелено светло пред два дена.
Останува дека мнозинството на Фон дер Лајен ќе биде тесно и останува да се види точно со колку удобна парламентарна коалиција таа ќе може да владее.
Вчера политичките групи во Европарламентот одржаа консултации. Европската народна партија (центар десно), Обнова Европа (либерали) и Социјалдемократите се очекува да гласаат за Комисијата, Зелените би требало да бидат воздржани, а радикалната левица (ГУЕ/НГЛ) да гласа против. Не се исклучени “бунтовници“ во редовите на секоја од овие партии кои би можеле да гласале различно од инструкциите на политичката група.
За да обезбеди поддршка од доволен број пратеници, Фон дер Лајен, која и самата беше изгласана со многу тесно мнозинство, направи отстапки во текот на формацијата на нејзината Комисија. Па така, на пример, контроверзното портфолио “заштита на европскиот начин на живот“ е преименувано во “промоција на европскиот начин на живот“ поради силното противење на либералите, зелените, социјалдемократите и радикалната левица.
Либералите и социјалдемократите конечната одлука за гласање ќе ја донесат денеска по утринската дебата со Фон дер Лајен.
Социјалдемократите го поздравија трудот на Фон дер Лејен во делот на родовата еднаквост, бидејќи ова ќе биде првата Европска Комисија во историјата во која има речиси еднаков број на мажи и жени, центар левицата е охрабрена и од еколошките амбиции на новата извршна европска власт, чија програма и дава голема важност на заштитата на климата. Сепак, не е исклучено Социјалдемократите воопшто не дадат инструкции за гласање и секој пратеник да гласа согласно своето убедување.
Имено, фон дер Лајен сѐ уште не ги убеди сите, посебно Зелените и радикалната левица, како и некои пратеници од редовите на социјалдемократската група. Тие не се задоволно со кандидатите за комесари за трговија, за земјоделство, за внатрешен пазар и за проширување, а и понатаму сметаат дека портфолио кое содржи термин “европски начин на живот“ е неприфатливо.
Екстремната десница би требало да гласа против, додека групата на Конзервативци и Реформисти нема да дава партиски инструкции.
Европската Комисија порача дека за гласањето на овој состав воздржаните гласови ќе се сметаат како отсутни, што не беше случај при гласањето за избраната претседателка Фон дер Лајен во јули.