Европската унија во текот на 2017 година увезе речиси три милиони тони кафе, што е за пет отсто повеќе во однос на увезеното количество од пред десет години, покажуваат податоците на Евростат.
По повод Светскиот ден на кафето, Евростат објави дека најголемо количество кафе е увезено од земјите кои не се членки на ЕУ, од Бразил (840.000 тони или 29 отсто од вкупното количество) и Виетнам (627.000 тони или 23 отсто).
Големо количество кафе е увезено од Хондурас (211.000 тони или седум отсто), Колумбија (188.000 тони или шест отсто), Уганда (149.000 тони или пет отсто), Индија (148.000 тони или пет отсто), Индонезија (141.000 или пет проценти) и Перу (119.000 или четири проценти).
Најголем дел од кафето е увезено во Германија, 1,1 милион тони, што претставува 37 проценти од вкупното кафе увезено во ЕУ и Италија (552.000 тони или 19 проценти од вкупниот увоз во ЕУ).
По нив следат Белгија (268.000 тони, што е девет отсто во однос на ЕУ), Шпанија (239.000 тони или осум отсто), Франција (217.000 тони или седум отсто) и Велика Британија (161.000 тони или шест отсто).