Од почетокот на војната на 24 февруари до 24 август, Русија загубила 12.142 парчиња опрема во вредност од 16,56 милијарди долари, без руските проектили, проценува Форбс.
Според Форбс, најголема и најболна загуба за Владимир Путин е секако потонувањето на вредниот воен брод „Москва“. Тоа е предводник на руската Црноморска флота вреден 750 милиони долари, која потона во април. Украина соопшти дека го нападнала и го потопила бродот, иако Русија вели дека пожарот на бродот го предизвикал потонувањето.
Останатите четири големи загуби кои тешко ја погодија Русија се авионите Ил-76 во вредност од 86 милиони долари, амфибискиот јуришен брод Саратов вреден 75 милиони долари, авионите Су-30СМ во вредност од 50 милиони долари и авионите Су-34 во вредност од 40 милиони долари. Сите овие загуби изнесуваат повеќе од една милијарда долари.
Во меѓувреме, шефицата за човекови права на ОН, Мишел Бачелет, го повика рускиот претседател да ги запре вооружените напади врз Украина и додаде дека нуклеарната централа во Запорожје треба да се демилитаризира.
Меѓународната заедница мора да инсистира на документирање за да може еден ден да се докажат воените злосторства, додаде Бачелет во својот говор по повод крајот на нејзиниот мандат како Висок комесар на ОН за човекови права.