Франција и ЕУ се блиску до постигнување договор за спас на „Ер Франс“, потврди денеска францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер.
-Се приближуваме до договор, прашање е на денови, рече Ле Мер и додаде дека треба да има отстапки за да се обезбеди фер конкуренција.
“Не станува збор за затворање на линии или укинување на договори. Потребни се отстапки за да се обезбеди фер конкуренција меѓу „Ер Франс“ и другите превозници”, додаде министерот Ле Мер.
Францускиот дневен весник „Монд“ во петокот објави дека француската Влада и Европската комисија се блиску до постигнување договор за условите за спас на „Ер Франс“.
Со очекуваниот договор „Ер Франс“ треба да отстапи помалку слотови на аеродромите во својата база во Париз од првичниот број што го побара Комисијата, особено на аеродромот Орли.
Групацијата „Ер Франс-КЛМ“ минатата година имаше чиста загуба од 7,1 милијарди евра.
Таа доби заеми и гаранции од Франција и Холандија во износ од 10,4 милијарди евра, а преговара за државна докапитализација со европските регулатори кои бараат отстапки за аеродромите во Париз и Амстердам.