Поранешниот јапонски министер за надворешни работи Фумио Кишида е избран за лидер на Либерално-демократската партија (ЛДП) и ќе стане следниот премиер на Јапонија.
Претседателството на Либерално-демократската партија беше спорно меѓу Фумио Кишида и актуелниот министер за административна и регулаторна реформа, Таро Коно, кој претходно беше министер за надворешни работи и министер за одбрана.
Кишида освои 257 од 427 гласови во вториот круг, што му овозможи да победи. Неговиот противкандидат Таро Коно доби 170 гласови. На тој начин, 64-годишниот Кишида го доби местото на нов претседател на ЛДП и наскоро ќе стане новиот, 100-ти премиер на Јапонија.
Покрај Коно и Кишида, на изборите учествуваа и Санае Такаичи и Сеико Нода, кои претходно предводеа голем број министерства, но не добија доволно поддршка во првиот круг и се откажаа од трката.
Седницата на Парламентот, на која ќе се одобри кандидатурата за нов шеф на владата, се очекува да се одржи на 4 октомври.
Изборот за претседател на ЛДП се одржува поради истекот на мандатот на премиерот Јошихиде Суга, кој ја презеде функцијата минатата година поради ненадејната оставка на Шинзо Абе. Суга одби да учествува во предизборната трка, со образложение дека сака остатокот од својот мандат да го посвети на борбата против коронавирусот.
Фумио Кишида е роден во 1957 година во семејство на наследни политичари. Неговиот дедо и татко се членови на јапонскиот парламент од Либерално-демократската партија. Кишида дипломирал на престижниот правен факултет на Универзитетот Васеда. Во 1993 година, тој беше првпат избран за член на Долниот дом на парламентот од ЛДП.
Во 2007-2008 година, Кишида беше министер за Окинава и северните територии (како што се нарекуваат јужните Курилски Острови во Јапонија). Од декември 2012 година до август 2017 година, тој бил шеф на Министерството за надворешни работи во кабинетот на Шинѕо Абе. Потоа го предводеше политичкиот совет на ЛДП. Оттогаш, Кишида активно се промовира како кандидат за функцијата претседател на партијата. По оставката на Абе минатата година, Јошихиде Суга стана претседател на ЛДП.
Кишида има своја фракција од 46 пратеници во партијата.