Руската агресија врз Украина претставува „тектонска промена во европската историја“, се наведува во нацрт-комуникето од престојната лидерска средба на ЕУ што наредните два дена ќе се одржува во Версај кај Париз.
Лондонски „Гардијан“ објавува делови од нацрт-документот што треба да биде усвоен, во кој европските лидери се обврзуваат „да преземат поголема одговорност за безбедноста, како и да се спроведување натамошни решителни чекори за градење европски суверенитет“.
Според содржината на заклучоците, се очекува во Версај да биде постигната согласност за „одлучно зајакнување на инвестициите во одбранбените способности и во иновативни технологии„, како и за „суштински зголемувања на трошоците за одбрана преку јакнење на сопствената воена индустрија“.
Во нацрт-документот уште се нотира посветеност за воена поддршка во оружје за Украина и нејзината одбрана од руската агресија.
По однос енергетското прашање ЕУ-лидерите се согласуваат за постепено надминување на зависноста од рускиот гас, нафта и увозот на јаглен, преку забрзување на транзицијата од фосилни горива, диверзификација на снабдувањето со енергија преку испорака на течен природен гас, био-гас и водород, како и подобрување на енергетската ефикасност и складирањето енергенси.
Во нацрт-документот што треба да биде усвоен во Версај не се спомнуваат барањата на Украина, Молдавија и Грузија за членство во ЕУ.