Началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили (ИДФ), генерал-полковник Херзи Халеви, денеска изјави дека неговите сили оствариле нов напредок во спроведувањето на фазите од војната против Хамас во Појасот Газа, пренесе „Тајмс од Израел“.
-Постигнавме напредок во уште една значајна фаза од војната. Нашите сили се во срцето на северна Газа, оперираат во градот Газа, го опкружуваат и ја продлабочуваат копнената офанзива и достигнувањата, изјави генералот Халеви во базата на воздухопловните сили.
„ИДФ се борат во густа и сложена урбана област, за која е потребна професионална борба и храброст“, наведе тој.
Генералот кажа дека војниците се вклучени и во блиска борба.
-Копнените сили имаат точни разузнавачки информации, и се поддржани со оган од воздух и море. Оваа соработка ја прави борбата многу поефикасна, кажа началникот на ГШ на израелската армија.
Халеви, сепак, призна дека во оваа војна се плаќа „болна и тешка цена“, со 18 досега убиени војници во копнената операција.
-Го изгубивме најдобрите наши синови во војната, ги прегрнуваме нивните семејства… ќе продолжиме да победуваме, кажа генералот.
На крајот од изјавата тој кажа дека ИДФ има „обврска“ да ги врати дома сите заложници што ги држи Хамас и другите терористички групи во Појасот Газа.