Германскиот министер за економија Роберт Хабек денеска изјави дека „најефикасниот начин“ за намалување на цената на гасот во Европската унија е преку заеднички набавки.
– Европа има голема пазарна моќ. Ако на големите играчи им се дозволи да соработуваат, да формираат куповни базени, тогаш пазарната моќ на Европа ќе има влијание, рече тој при пристигнувањето на состанокот на министрите за енергетика на ЕУ во Луксембург.
Дополнително, „динамичното ограничување на цената“ за да се спречат краткорочните „шпекулативни скокови“ на берзите ќе има смисла, рече Хабек.
Лидерите на ЕУ минатата недела го поддржаа предлогот на Европската комисија за правна основа врз која компаниите што купуваат гас во ЕУ би можеле да ја соберат нивната побарувачка, како и ограничување на екстремните флуктуации на цената на гасот.
Хабек во вторникот истакна дека напредокот постигнат во последните денови за изнаоѓање заеднички став веќе довел до пониска големопродажна цена на гасот.