Ги видов главните работи што требаше да ги видам, изјави генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси по пристигнувањето денеска во нуклеарната централа Запорожје во југоисточна Украина.
– Успеавме за овие неколку часа да собереме многу информации. Ги видов главните работи што требаше да ги видам, изјави Гроси пред руските новинари кои го придружуваа тимот на МААЕ во нуклеарната централа Запорожје, која од март е под руска контрола.
Најголемата европска нуклеарна централа беше редовно гранатирана во последните недели. Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за овие напади.
– МААЕ останува овде. Нека знае светот дека МААЕ останува овде, рече Гроси. Тој не прецизираше од колку луѓе се состои тимот на агенцијата, ниту колку долго ќе остане во електраната Запорожје.
Ова беше прва изјава на генералниот директор на МААЕ откако пред неколку часа пристигна во нуклеарната централа.
Шефот на администрацијата на окупираниот близок град Енергодар, назначена од Русија, Александар Волга, рече дека по заминувањето на Гроси, тим на МААЕ од осум до 12 странски инспектори ќе остане во нуклеарната централа Запорожје.
Според директорот на украинскиот државен нуклеарен оператор Енергоатом, моментално во централата има петмина претставници на МААЕ.
– Мисијата на МААЕ ќе биде успешна доколку доведе до демилитаризација на нуклеарната централа Запорожје, нагласи Петро Котин. Тој рече и дека „Енергоатом“ прави максимални напори да го врати снабдувањето со електрична енергија на Петтиот реактор во централата.
Претходно денеска, овој реактор – еден од двата што работат во нуклеарната централа Запорожје – беше исклучен од мрежата. Причината беше руското гранатирање, соопшти Енергоатом, додека Москва тврди дека нуклеарката била гранатирана од украинските вооружени сили.
Русија побара Советот за безбедност на ОН да се состане на 6 септември на седница за да разговара за ситуацијата во нуклеарната централа Запорожје, информираше рускиот заменик постојан претставник во Светската организација Дмитриј Полјански.