Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на седницата на Советот за безбедност посветена на „неказнувањето” злосторства во Украина повика да се спроведе истрага на „списокот насилства“ извршени во земјата од почетокот на руската инвазија во февруари оваа година.
Гутереш посочи дека во извештаите на хуманитарните служби на ОН на списокот злосторства се наоѓаат „егзекуции без судење, силувања, тортура и други нечовечки и срамни постапувања со цивили и воени затвореници“.
„Сите наводи мора да бидат истражени за да се утврди одговорност. Сторителите мора да одговараат во непристрасни и независни судски постапки. Жртвите и нивните семејства имаат право на правда и компензација“, рече генералниот секретар на ОН на отворањето на денешната седница на која учествуваше и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Според Гутереш, последните седум месеци биле обележани со неописливо страдање и уништување.
„Најновиот развој на настаните е опасен и вознемирувачки“, рече тој изразувајќи крајна загриженост што предмет на дискусија станало незамисливото – да се разговара по идеја за нуклеарен конфликт.
„Исто така сум длабоко загрижен од извештаите за плановите за организирање на т.н. референдуми во областите на Украина кои моментално не се под владина контрола“, рече тој.
Претседавачот со седницата, француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона рече дека „нема мир без правда“, како и оти виновниците „мора да одговараат“ за кривичните дела.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба пред да влезе во салата во која се наоѓа и Сергеј Лавров на новинарите им рече дека ќе држи „безбедна дистанца“.
На седницата присуствува и Карим Кан, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд што само неколку дена по руската инвазија покрена истрага за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во Украина.