петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Хамас тврди дека истрелал 12 ракети од Либан кон северен израелски град

Хамас тврди дека истрелал 12 ракети од Либан кон северен израелски град

Военото крило на палестинскиот екстремистички Хамас денеска соопшти дека истрелало 12 ракети од Либан кон градот Кирјат Шмона на северот на Израел.

Бригадите „Изадин ал Касам“ во соопштение наведоа дека ракетниот напад е одмазда за „масакрите на окупаторите“ врз палестинскиот народ во Газа.

Израелските медиуми јавија дека најмалку една ракета паднала во трговскиот дел на градот и дека две лица се ранети, од кои едно од шрапнели, а автомобили и продавница биле тешко оштетени.

Поголемиот дел од градот неодамна беше евакуиран поради постојаните напади на Хезболах и сојузничките палестински екстремистички организации во Либан.

Израел изврши воздушни напади во пограничната област.

Во тек е голема ескалација на конфликтот долж границата бидејќи Хезболах нападна позиција на израелската армија со два самоубиствени дронови.