Кина денеска потврди дека преговара со Светска здравствена организација за датумите и планот за посета на меѓународните експерти кои ќе го истражуваат потеклото на Ковид-19.
– Кинескиот став за истражување на потеклото на пандемијата секогаш бил отворен и одговорен, истакна портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунјинг.
Таа нагласи дека е „можно да дошло до неспоразум“ и оти „нема потреба да се продлабочува прашањето“.
– Проблемот на потеклото е многу сложен. За да обезбедиме успешна работа на меѓународната експертска група во Кина и за да се извршат потребните процедури и релевантните конкретни планови, двете страни мора уште да разговараат за тоа, посочи Хуа.
Претходно, генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Геберјесус изјави дека е многу разочаран што кинеските власти не им дозволија влез во земјата на експертите за испитување на потеклото на Ковид-19 во Вухан.
Тој наведе дека дел од експертите веќе тргнале кон Кина, а на другите патот им е откажан во последен момент.
– Добивме уверување дека Кина ги забрзува внатрешните процедури за што поитно решавање на овој проблем, посочи Гебрејесус.
Тој истакна дека стапил во контакт со кинеските власти и оти мисијата е приоритет на СЗО и на меѓународниот тим.